|
|
|
There are no upcoming events! |
|
Каков Бог им проповедаме на своите деца? |
|
Во денешно време, многу често се среќаваме со апатични адолесценти, кои немаат ниту желба, ни иницијатива да живеат самостојно, и да постигнат нешто за сопствената иднина. Тоа главно се случува „благодарение“ на чувството на безначајност, на несигурност во себеси и беспомошност, кое во детската душа е насадено од страна на родителите, наставниците и останатите возрасни луѓе. Создавајќи една посебна психолошка атмосфера околу децата, тие често ги лишуваат од верата во себеси, во сопствената сила и во луѓето, и со тоа не можат да им ја пренесат љубовта и верата во Бога, зашто и самите ја немаат. Само доколку вистински Го засакаат Бога, можат вистински да ги засакаат и своите деца. Децата, пак, доколку ја имаат во себеси таа љубов Божја, можат вистински да ги почитуваат своите родители. Детската душа треба да се придвижува во решителноста, верата и вдахновеноста, кои се толку многу потребни за смело чекорење кон иднината. Тие забележуваат дека нивните родители се прогласуваат за христијани, а нивните дела ни малку не наликуваат на христијански. Самите родители многу често ја изопачуваат сликата за Бога пред своите деца, така што Бог им е претставен не повеќе како Татко, Кој ги сака, туку чуден Судија, Кој сѐ забранува и сурово казнува. Ваквата слика за Бога се добива поаѓајќи од родителските казни, а не од родителската љубов. Наместо да влеваат во детските срца надеж и љубов, тие им влеваат животни програми, комплекси, убедувања, кои неретко имаат потполно не христијански карактер. Христос, пак, Кој е Оној, што љуби, и преку Кого станавме синови на Бога Отецот, ни го дарува сиот мир, спокојство и љубов, која можеби толку многу ни недостасува. Во Евангелието, ние се среќаваме со еден текст што ни го покажува совршениот татковски лик, кој несебично се дарува на својот син, што ја отфрлил од родителската љубов и го изгубил духовното и материјалното наследство. Тоа е приказната за блудниот син, приказна во која секој од нас, повеќе или помалку се пронаоѓа. Од овој пример можат да се поучат родителите, кои залутале во лавиринтите на приврзаноста кон своето дете, кое им станало центар во нивната родителска вселена. Така, тие непосредно од Бога, можат да научат како Он нѐ сака и сака и ние да Го сакаме. Приказната за блудниот син, совршено ја опишува љубовта Божја спрема човекот; љубов, која се распнува среде современиот егоизам и желба за владеење; љубов, која не знае да го отфрли оној што погрешил; љубов, која прва пристапува и која поттикнува на покајание; љубов, која повторно нѐ воздигнува на степен на синови Божји и која го очистува целото ѓубре, сета внатрешна нечистотија и смрдеа; љубов, која од синови на темнината нѐ претвора во синови на светлината. Таткото, оддалеку го гледа како доаѓа оној, кој од него се одрекол; и тоа многу сурово и немилосрдно се одрекол, онака како што понекогаш и ние во младоста сме се одрекле, зашто не ја чувствуваме длабочината на раните кои ги нанесуваме. На почетокот на приказната се среќаваме со разговорот меѓу синот и таткото...синот како да му вели на таткото: - Татко, дај ми го сега она што би ми го оставил во наследство, кога ќе умреш... Тоа навидум е една блага и едноставна фраза, но кога би се превела на поостар јазик тогаш би звучела нешто како: - Старче, предолго живееш; не можам да чекам да умреш, па да го наследам плодот од твојата работа; ти си пречка на мојот пат; јас сакам да бидам слободен и богат. Ајде да направиме еден договор дека си умрел за мене, па да ми го дадеш она што ми припаѓа, па да заборавиме еден на друг... Ете, тој син кој извршил метафизичко убиство на својот татко и едноставно го исфрлил од својот живот, пресретнат е со огромна љубов од него. Забележувајќи го во далечината, таткото му излегува во пресрет; му паѓа во прегратката; го целива; и понатаму се одвива разговорот помеѓу нив. Низ целиот свој пат, блудниот син ја повторувал својата исповед: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од твоите наемници (Лука, 15, 18 – 19). Таткото му дозволува на својот син да признае дека згрешил и против небото и против него, да каже дека е недостоен да се нарече негов син...и тука го прекинува: младичот може да биде недостоен, блуден син, но тој никогаш не може да биде достоен слуга – тоа љубовта никогаш нема да го дозволи. Колку и да е недостоен, тој секогаш ќе остане син – тоа не може да се промени. Вака и Бог се однесува спрема нашето достоинство, со секого од нас подеднакво. Што и да ни се случува низ животот, како и да постапуваме, кога Му приоѓаме и Му говориме: - Јас не можам веќе да ти бидам син, туку да направиме некаков договор; ќе ти бидам слуга, роб, ќе ти бидам наемник – Бог вели: - Не, не можеш, ти си Мој син! ...Он, како да кажува дека гревот и целосното одрекување, не го одвоиле таткото од синот...синот заминал, а таткото останал...останал верен до крај.
|
|
|
На вдовицата која тагува и се грижи |
На вдовицата која тагува и се грижи Тагуваш за покојниот маж. Се грижиш за децата. Плачеш ден и ноќ. Во душата ти е метеж и мрак. Пред очите магла и неизвесност. Охрабри се. Не се плаши. Речи си во себе: мојот маж прво Му припаѓаше на Бога, а потоа, на мене; и моите деца се прво Божји, а потоа, мои. Ако искусниот градинар скине едно цвеќе, знај, дека така требало да направи. Тој ги знае причините зошто тоа го сторил. А една од причините е и таа, за да може останатите цвеќиња подобро да напредуваат. И ти со твоите деца од сега подобро духовно ќе напредувате. Твоите мисли ќе се воздигнат од земното кон небесното. Твојата душа силно ќе се присоедини кон Бога. Твојот дух ќе триумфира над телото. Нема повеќе смртта да ти биде страшна. Раната суета ќе ти постане смешна. Твојот поглед кон овој свет како на вистинска татковина и трајната среќа ќе се променат. Значи, ќе добиеш многуструка духовна добивка. Знај, дека Бог ѕида и кога руши. За децата не се грижи. Само прави го она што е во твоја моќ. Преку тоа Творецот ќе го провери нивното и твоето. Напишано е: положи ги на Господа своите грижи, и ќе почувствуваш дека твојот крст е лесен. Имало и има многу тешки крстови на мајки кои биле вдовици. Ќе ти опишам еден многу тежок крст. На почетокот на Светската војна Германците убиваат еден мој познајник пред неговата куќа покрај Дрина; куќата ја запалиле, а жената со шестмината мали деца ги протерале од тоа место. Од тогаш поминале дванаесет години. Еден ден изненадно стои пред мене во Скопје еден млад железнички чиновник и ми се претстави како син на оној мој погинат познајник. Многу се израдував и со страв прашав, кој друг од нив седмина останал во живот? На тоа, тој весело одговори: - Слава на Бога, сите сме живи и здрави. Нас двајца нѐ има во државна служба, двајца се занимаваат со трговија, постарата сестра се омажи, а помладата е со мајка ми во Б. Тогаш тој многу реално започна да ми ги опишува претрпените маки и стравови. Пешачење, поточно лутање преку целата држава, од Дрина до Битола. Па, глад, болест, студ, апсења, ноќевање по станиците, по меаните, покрај патиштата. Со тоа и уште страв, неизвесност, туѓина. Но, на крајот – победа и слава. Сочуван образ, и разум, и живот, и вера. Што повеќе да опширувам? Јас мислам, дека борбата и победата на оваа мајка со шесте деца е пославна и поубава од Наполеоновата. И тебе Бог ќе ти помогне. Не Го заборавај, и нема Он да те остави. И ќе победиш, твојата победа ќе биде слатка во вечни векови. Мир на тебе и благослов Божји. епископ Николај Охридски |
|
|
ШТО ЗНАЧИ ИМЕТО ХРИСТИЈАНИН? |
Не е бескорисно да се испитува тој назив, зашто, ако ние во точност откриеме што значи тоа име, би добиле голема подршка за добродетелен живот, грижејќи се, преку возвишен начин на живот, да бидеме навистина она, што се именуваме. Ако некој сака да се нарече лекар, оратор или математичар, тој нема да допушти преку незнаење да се изобличи лагата на тоа звање, ако во стварност не е таков, како што се именува. Оној што преку познавање на медицината, за да не се покаже лажноимено неговото звање. На истиот начин и ние, испитувајќи го називот христијанин, да ја откриеме неговата вистинска смисла и да се потрудиме на дело да го оправдаме, за да не се примени и кон нас познатиот кај многубошците расказ за мајмунот. Се вели, дека во градот Александрија некој магионичар дресирал една мајмунка се ретка вештина да се преобразува во танцувачка и ја облекол во облека, слична за тоа искуство. Посетителите на циркусот ја фалеле мајмунката, која танцувала под тактот на музиката и ја прикривала својата природа со сѐ што вршела. Кога гледачите биле воодушевени од интересната глетка, еден духовит човек во шега, им покажал на восхитените од циркускиот настан, дека мајмунката не е ништо повеќе од мајмун! Кога сите воскликнувале и ракоплескале на вештината на животното, кое стројно танцувало под тактот на пеењето и музиката, духовитиот фрлил на сцената некои овошја, кои ја привлекле алчноста на животното. Мајмунката, штом ги видела расфрланите бадеми ппо сцената, без да обрне внимание на ништо, заборавајќи го и танцот, и ракоплескањата, и елегантната облека, се затрчала кон бадемите и лакомо почнала да ги собира. Бидејќи маската ѝ пречела на устата да јаде, таа се потрудила да ја отфрли, раскинувајќи го со своите нокти лажно поставениот образ. Со тоа, наместо пофалба и восхит, таа изненадно предизвикала кај посетителите смеа, кога зад раскинатата маска се појавило нејзиното бесрамно и смешно лице. Како што за мајмунката не бил доволен лажно дадениот образ, за да биде сметана за човек, зашто алчноста за овошје брзо ја открила нејзината природа – така и оние, кои вистински не ја изградиле својата природа со вера, преку соблазнителни плодови, предадени на ѓаволот, лесно се разобличуваат, дека не е ништо друго, освен тоа, во што се разоткриваат при појава на искушение, т.е. дека се незнабошци. Наместо плодови, како бадеми, смокви и друго, ѓаволот на нивната алчност понудува честољубие, суетност, среброљубие, страст кон задоволства и други зли замки, за да ги разобличи лесно нивните души, кои се подобни на мајмуни и преку подражавање придобиваат на себе си лицемерен вид на христијанин, а по време на страст ја симнуваат од себе си маската на целомудрието, кроткоста и други такви добродетели. Името христијанин се открива и докажува во искрена служба на вистината и правдата, на мирот и љубовта, на жртвата и совршенството од страна на човекот, кој го прима и носи тоа ценето име. |
|
| | << Почеток < Претходна 1 2 Следна > Крај >>
| | Резултати 1 - 4 од 8 | |